Feeds:
Написи
Коментари

And now, the thrilling conclusion.

За разлика од претходните четири докази, кои баш и не беа поврзани со христијанската претстава за Бог, петтиот и шестиот се занимаваат баш со него, и со книгата во која неговиот лик и дело ни се претставени – “Библијата”.

Петтиот доказ, накратко, тврди дека библијата е веродостојно четиво. Зошто е тоа така? Па затоа што така пише во неа. Појасно, здравје.

Секако, по таа логика и Хари Потер е вистински, и стварно постојат волшебници и вештерки. Зошто? Па така пише во светите книги, сите 7 дела. Нема бог освен Хари Потер, а Џ. К. Роулинг е негов пророк.

Има референца и до извесни археолошки докази, дека Евреите стварно имале крал што се викал Давид. Како прво, археолозите признаваат дека доказите се, во најдобар случај, недоволни за да се заклучи било што дефинитивно, а како второ, и навистина да било така – голема работа. Постоењето на крал Давид, не значи автоматски и дека тој во слободно компонирал псалми, или дека им правел сунет на Филистинците.

Овој последниот дел од секогаш ми бил еден од побизарните делови од Библијата. За тие што не им е јасно, да ја повторам приказната. Откако Давид го победил Голијат, кралот Саул му ја понудил раката на својата ќерка, за неверојатно ниската цена од 100 филистински кожички (англиски е foreskin, оној дел од телото шо е вишак кога се прави обрежување). Пошто во тоа време Израелитите и Филистинците не се мирисале многу, имплицитно било дека кожинките треба да се земат неволно, така да Давид не можел да се маскира ко рабин и да рекламира попуст на обрежувања. Нормално, Давид, како ревносен народен херој, отишол, и обезбедил не сто, ами двесте филистински украси, и ја добил девојката. Приказната не кажува што понатаму се случувало со здобиените воени трофеи.

Обично, кога го кажувам овој дел од библијата, повеќето христијани мислат дека тропам глупости, така да, уверете се сами.

Оваа приказна е само илустрација за конзистентноста на пораката на Бог, како што се тврди во петтиот доказ. Извинете, ама од вакви приказни се добиваат кошмари, а не морални поуки.

Шестиот доказ е повеќе или помалку, повторување на петтиот, само што наместо за Стариот Завет, се однесува на Новиот Завет, и за главниот актер во него, Исус. Верата во Исус е основа на цело Христијанско движење, дури во христијанскиот свет и годините (би требало да) се сметаат од неговото раѓање.

Значи, зошто е Исус волшебен? Затоа што тврдел дека е син на Бога. Да. ова е дефинитивен доказ. Ако прошетаме до Бардовци, сигурен сум дека таму има барем неколку Богови, и по некој Наполеон.

Ама Исус правел чуда, од вода правел вино и одел по вода. Е овоа е доказ, или барем би бил, ако имаме некаква потврда дека ова навистина се случило.  Арно ама, единствено место на кое е евидентирано дека Исус прави чуда, се пак, Евангелијата во Новиот Завет, како што единствено место каде што Петар Пан се бори со Капетан Кука се книгите на Џемс Бари.

Всушност, ако земеме да гледаме критички, Петар Пан има повеќе основа да биде реален отколку приказната за Исус. Петар Пан го поминува детството во Кенсингтонската градина во Лондон. Таков град навистина постои, и навистина има Кенсингтонската градина. Коинциденција?

Дополнително, евангелијата се пишувани кон крајот на првиот век, помеѓу 20 и 50 години по смртта на Исус, од луѓе кои најверојатно не го познавале од прва рака, а Петар Пан е напишан од човек кој тврдел дека лично го познава.

Се на се, извинете ама, доколку некој сака да ме убеди дека Христијанството е повеќе од организирана психоза, слободен е да проба, ама се надевам дека ќе има посилни аргументи од тие кои се претставени на страницата на Секој Студент.

Епа да продолжам од каде што застанав. Чисто да објаснам нешто уште еднаш: тоа што ги побивам исказите наведени во Секој Студент, не значи дека Бог не постои, или дека Бог постои, само сакам да кажам дека овие шест работи кои се нудат како докази, всушност не се тоа.

Да не се лажеме, постојат прашања кои науката (засега) не може да ги одговори, и можеби Бог или боговите се наоѓаат во некое од нив (целиот Бог е во празнината концепт), иако јас лично не мислам така. Сепак, нема да имам проблем со прифаќање на научен доказ дека креатор постое (иако можеби креаторот ќе има проблем), со тоа што научните докази мора да имаат некои својства, кои овие и ваквите “докази”, просто ги немаат.

Првите два “докази” се занимаваа со тоа дека е полесно да претпоставиме дека бог постои отколку спротивното. Отприлика, и третиот доказ е во истата насока, поточно: “Да се каже дека светот настанал по случајност не е соодветен одговор за да се објасни целото создание.”

Е, со оваа изјава се слагам комплетно. Случајноста не е одговор на прашањето што е всушност светот и како тој работи. Ретко го прифаќам како одговор ставот дека нештата се така “оти треба да се така”. Значи, кога ќе видам некоја појава, сакам да разберам што се случува, и зошто тоа се случува така. Уште повеќе сакам да знам, дали ако пак ги имам истите причини ќе ги имам и истите последици. Овие неколку пориви се баш тоа што е во основа на научната мисла и на научниот напредок. Од друга страна повеќето “одговори” кои религијата ни ги дава спаѓаат баш во “з’ш така требит” категоријата, само што на случајноста заради која се така, и се дава помпезното име Бог. И така, додека кардиналите знаеле дека Бог ги создал планетите како ѕвезди кои шетаат по небото, Галилео правел телескоп.

Нејсе, да се вратиме на доказов. Случајноста која е спомната се однесува најмногу на еден дел од теоријата на еволуција, имено, дека случајните мутации од генерација во генерација не е можно да се двигател на напредокот. Даден е и пример, тоа што често се нарекува и грешката на Хојл, и е пример за елементарно поигрување со статистики, и темелно непознавање на теоријата на еволуција.

Како прво, еволуцијата не е личност, со сопствена агенда. Еволуцијата е само проста бесцелна сила. Во ниеден свој чекор, еволуцијата не тргнала да создаде нешто, без разлика дали е тоа човек или Боинг 747. Како второ, еволуцијата како процес, не се случува во големи чекори. Оп ѕверогуштер, оп мајмун, оп човек. Потребни се илјадници години и милиони генерации за да се покаже некаков еволутивен напредок. И трето, еволуцијата како сила, не е имуна на синдромот на локален максимум, т.е. не секогаш го наоѓа најдоброто решение за соодветен проблем, таа просто наоѓа решение кое е доволно добро. Не треба да одиме подалеку од човековото слепо црево.

Сваќам дека многу луѓе имаат проблем со еволуцијата, најмногу бидејќи не сакаат да мислат за себеси како потомци на мајмуни, иако тоа не им пречи секојдневно да се однесуваат како горили. Арно ама, фактите ја имаат незгодната особина да не исчезнуваат само заради тоа што не ни одговараат.

Кога сме веќе кај факти, да го разгледаме и четвртиот понуден доказ: “Човечкото внатрешно чувство за добро и лошо (правилно и погрешно) не може да се објасни од биолошки аспект.”

Епаа, ко прво, баш може да се објасни, а ко второ, па и не е некоја константа во човековото општество тоа чувството за правилно и погрешно, наречено морал. Како прост и вулгарен пример, во повеќето денешни култури убиство на новороденче се смета за одвратен злочин, но не мислам дека Спартанците премногу ги гризела совеста заради отфрлањето на сите несовршени бебиња. И не мислам дека преголем проблем на викиншките бродови била несоницата заради грижа за запалените села. Замислете само, ноќ, ѕвездено небо, морска шир, викиншка галија со раширени едра, и на крмата гушнати двајца Викинзи и плачат, ли плачат околу тажната судбина на детето чии родители ги заклале мината вечер. Ладниот северен ветер полека ги лизга солзите низ брадосаниот образ на капетанот. Цк, не ми пасира.

Дури и ако погледнеме низ тековната состојба низ светот, тоа што е морално на еден крај на светот, на пример израз на љубов меѓу двајца млади – држење за рака, не мора повеќе – се смета за разврат и неморал во друг.

Така да, апсолутен морал, апсолутно не постои.

И, stay tuned for the thrilling conclusion :)

Пред некое време видов некоја реклама на некој социјален сајт (не ме држете за збор каде беше) за сајт кој викаше дека има битни информации а носеше име Секој студент. Пошто сум во таков период во животот кога студенцките рабоќе ме интересираат, кликнав на линкот. И што ме дочека? Сајт на кој на долго и на широко сакаат да ме убедат лично да се запознаам со Бог. Очигледно некој го сваќа зборот студент во истата форма во која го сваќаат Талибанците. Ако, не смета, секој си има право на свое толкување, макар и на погрешно. Тоа што ми ја заскокотка љубопитноста беше еден линк од главната страна што тврдеше дека директно и јасно ќе ми објасни дека бог постои, преку шест едноставни докази.

Е тоа веќе ми смета. Немам проблем со некаква езотерична претстава за бог, каква што ја имаат повеќето луѓе, претстава доволно нематеријална, која по самата своја дефиниција не може ни да се докаже дека ја има, ни пак да се дедуцира дека ја нема. Но имам поприличен проблем со луѓе кои изнаоѓаат некои си “научни” докази со кои ги поткрепуваат своите психози.

За почеток, да кажам дека комлетно се согласувам со преамбулата на текстот. Ако некој почне со затворен ум, така и ќе заврши. Со сила на некој не можеш да му покажеш дека белото е бело, а камоли нешто повеќе. Само да го додадам ситниот детал: оваа логика работи и во двете насоки. Ако некој однапред решил дека Големиот Тате на Небото постои, никој не може да го разубеди во спротивното, без разлика на такви ствари ко резон и дедукција.

Но ај, да се зафатиме со тезите. Првата вика: “Низ историјата, во сите култури во светот, луѓето биле убедени дека има Бог.”

Ах, старата добра приказна дека милијарди луѓе не можат да грешат. Ако сите се фрлаат од мостот, сигурно нешто има долу, многу јасно дека треба и ние да го следиме. (Стручно име argumentum ad populum )
Инаку, фактот дека сите луѓе верувале во Бог, е просто речено – лага. Верувањето во духови на предци, во животни – заштитници, во цели пантеони на богови и богињи, не би го изедначувал со верување во Бог. Христијанскиот Бог е прилично круто опишан, кој е, кој бил, што направил. Тоа што некој верува во Мардук, Тор или Зевс, не го прави христијан по автоматизам. Уште повеќе, тоа што некој се родил, живеел и умрел славејќи го Маке-Маке, без никогаш да виде Христијанин, автоматски го прави неподобен за влез во рајот, нели?

Втората теза е уште поинтересна: “Нашата планета е толку сложен систем што неизбежно укажува на тоа дека постои Создател кој не само што ја создал целата вселена со намера, туку и ја одржува.”

Во овој дел е опишано колку сме среќни што живееме на планета токму таква каква што е, со прекрасни и совршени својства, итн, итн. Ова е таканаречениот Антрописки принцип, кој во основа има бркање на последицата и причината (cum hoc ergo propter hoc). Да појаснам со еден прост пример. Јазик кој јас го зборувам најдобро е македонски. Од цела планета, македонски се зборува  само во еден релативно мал и изолиран дел. Замислете ја таа божја милост што направила јас да се родам баш овде, во Македонија, а не да речеме, на Папуа Нова Гвинеја. Бог во својата безгранична мудрост направил да можам да се разберам со луѓето, бидејќи ако се родев на друго место ќе морав со мафтање да кажувам што сакам.

Значи, и покрај некои работи кои се единствени карактеристични за земјата, ние сме прилагодени на неа, не е Земјата прилагодена на нас. И да, од сите 1 сончеви системи кои колку-толку ги познаваме, само на Земјата е потврден живот. Ако ги истражеме сите цирка 1,000,000,000 сончеви системи (само во нашата галаксија) и не најдеме ништо, тогаш, можеби, овој аргумент ќе држе вода. Дотогаш, сме во позиција на Султан, кој е цел среќен пошто сите анами од харемот му кажале дека има најголем од сите што ги вишле.

Да не замарам, засега е доста, наскоро анализа и на другите 4 “докази”…

Пушење и попушување

Епа, со еден месец закаснување, среќна нова година. Најубави желби, среќа во љубовта, you know the drill. Не знам што ви донесе Дедо Мраз за нова година, но подарокот што беше оставен за мене беше еден нов и убаво запакуван Закон за заштита од пушењето. Додуше не е баш најнов (во основната форма е донесен во ‘95-та), но во 15-те години до 2010 спаѓаше во онаа категорија на опциони закони, што ги почитуваш ако сакаш, не од што мораш. Да се разбереме, во законот (стар или нов, сеедно) со ниедно зборче не е нагласена неговата опциона природа, ама во нашата правна држава и демократско општество, некако беше преќутно договорено дека иако сите закони се исти, некои се помалку исти од другите.

Е сега, дојде среќна нова 2010, и бидејќи законот се ближи кон полнолетство, се реши да му се даде повеќе внимание, да стане еден од оние “сериозни” закони, кај кои нема трте-мрте, ами мора да се почитува. Му се додадоа и неколку амандмани, за да изгледа онака, ко вистински голем закон. Додуше и амандманите се донесени во 2008-ма, ама нели народот вика дека било лоша среќа нов закон да се имплементира во непарна година, така да ќе ја прескокнеме 2009-та.

И така, се почна со имплементација, и почна да писка шуто и рогато, те дека законот не бил прецизен каде смее каде не смее, те дека ќе се намали прометот на угостителите, те дека забрането било и дома на балкон да запалиш цигара, итн. Накратко, се поларизира јавноста, и почна целата работа да пука малце по шавовите. Дури има и најави дека законот ќе се ревидира. Е тоа е всушност работата што ме нервира. Една рака луѓе сме, ама не можеме во 15 години од постоењето на еден закон, да извадеме нешто што е квалитетно. Поправете ме ако грешам, ама нели цела поента на законите во една демократија е да ги одразат мислењата и ставовите на популацијата. Во крајна линија, законите би требало да се од народот, за народот, нели? А ако законот не им се допаѓа на значителен дел од популацијата, тогаш ваљда законот е лош, не е ваљда дека треба популацијата да ја смениме? Или по оној стариот афоризам – супер закон имаме, само луѓето не ни чинат.

Ни се потенцира дека овој закон е сличен со Шведскиот, со Германскиот, итн. Епа една новост да кажам. Во Шведска живеат Швеѓани, а во Македонија Македонци. Не сме ни инфериорни, ни супериорни спрема нив, и тие се луѓе ко нас. Едноставно сме различни. Различна култура, различни вредности. Тоа се разлики кои е неможно да се решат со закон, дури законите треба и да ги рефлектираат тие културни разлики. А нашите власти (не само овие, и претходните, и пред-предходните…) упорно пробуваат да се синхронизираат со Европа земајќи некој рандом закон, и заменувајќи ги сите референци кон, да речеме Данска, со Македонија. И после се чудат зошто законот не се почитува, зошто само се зголемува множеството на “опциони закони”, кои се почитуваат некоја недела од кога ќе се донесат, а подоцна дури и инспекторите почнуваат да забораваат на нив (проверете колку коли со кои ќе се разминете денес немаат запалени светла). Нема, и не можеме, да станеме држава во која владее законот и правото, се додека огромен дел од луѓето, длабоко во себе, не се согласуваат со законите, бидејќи таква е човечката природа. Никого нема да го јаде совеста ако прекрши закон или правило, со кое во основа не се согласува. Се додека една работа не е неморална, џабе е да ја регулираме со закон, само ќе се зголемува криминалот околу заобиколувањето на тој закон – земете ја само како пример прохибицијата во САД.

Овие работи требаше да бидат средени уште пред да се почне со примена на законот, не отпосле. Во цел муабет, не видов веродостојна статистика за тоа колку луѓе во Македонија пушат, колку од нив пушат повеќе од една кутија, колку од нив нема да пијат кафе на кеј ако не смеат да запалат цигара. Колку троше Македонија на лекување на болести поврзани со пушење, колку буџетот добива од даноците од цигарите. Не видов анализа како тие бројки ќе се сменат. Со еден збор, не видов идентификација на засегнатите страни и каков ќе биде ефектот од забраната врз нив.

Без такви бројки, и без анализа на тие бројки, овој закон е осуден, порано или покасно (моја претпоставка е некаде околу април, кога ќе почне да може да се седе на тарасите на кафаните) да се врати во групата на “опциони закони” и таму да чека подобри времиња, најверојатно кога ќе достигне вистинско полнолетство, таму некаде 2013-та година.

Т’га за Плутон

Е добро, ме нема некое време да напишам пост. Нема да се извинувам и да измислувам изговори (кучето ми ја изеди тастатурата, ми се дупна гума, морав да одам на експедиција на Антартикот…). Мој си е блогот, мои си се постовите, ма има да пишам кога сакам. А не дека нема шо да се пише, има секој ден по нешто шо ме нервира, помалце или повеќе.

Овој пост, на пример ќе е за две различни работи што ми ја дигаат сафрата, кои некако и двете се сведуваат на Плутон. Да, Плутон, некогашната деветта планета на Сончевиот Систем. Одсекогаш имало нешто кај Плутон шо просто не ми се допаѓало. За почеток, ја крше симетријата на Сончевиот систем. Значи прво одат малечките карпи (Земјата, Марс…) после одат големите дечки со јаки имиња (Јупитер, Сатурн …) и на крајот на цела таа приказна, едно мало мрвче од карпа, ама со големо име – Плутон. Антиклимакс. И очигледно не сум бил единствен шо така мислел, пошто астрономите од цел свет се собраа во 2006-та, и на газ, Плутон беше исфрлен од друштвото на планетите, и му беше кажано, дека отсега, кога ќе се собираат планетите на слави, тој ќе седе на масата за децата, заедно со Ерис, Церес и слични тела шо сакат да се планети кога ќе пораснат. Им беше наденато и посебно име – џуџести планети (малце иронично шо џуџињата сега ги викаат мали луѓе, ама малите планети ги викаат џуџиња. Политичката коректност е чудна работа)

Е сега, фино и лепо тоа што астрономите се договорија дека има само осум планети, само некако тој допис сеуште нема стигнато до нашите учебникари. Така во нашето (повторно) реформирано и (повторно) бесплатно школство, во новите бесплатни учебници по географија (кои се зачудувачки исто со старите) си учиме најпоштено, дека сончевиот систем има девет планети.

Иако, ако гледаме од друга страна, од учебникарски аспект, почнувам и да согледувам логика во тоа. Овие, астрономиве, на секои 50-60 години земаат и ни ги менуваат планетите. До 1930 беа 8, па 9 па сега пак 8! Па, човече, нив тоа им е работа да знаат колку планети има. Ако за тоа не се сигурни како да се потпреме на нив за останатите работи?? Па зарем не разбраа дека овие учебници ќе одат од ученик на ученик, од генерација во генерација? На таа неодлучност мора да и се застане на крај. Нема менување и тоа е тоа. Кога ќе се договорат како луѓе, еднаш засекогаш, па кога ќе им легне за стално тоа колку планети има -  е можеби тогаш ќе се смене во учебникот бројот на планети. Во меѓувреме е бизарно да се занимаваме со секоја ситна работа за која научнициве ќе се предомислуваат.

Но, не се единствени учебникарите што си имаат мака со планетите. Што да прават кутрите душички што пишуваат хороскопи по весниците? Цела астрологија се заснова на “влијанието” на планетите врз луѓето. Има цели фермани пишено како делува која планета кога е во која куќа или викендичка или што ти ја знам… И одеднаш, аш. Го снема Плутон. Една од основните алатки се губе. Арно ама астролозите се снаодливи луѓе. Фино- лепо тие ќе си ги игнорираат астрономите (иако овие им ги открија и Нептун и Уран и Плутон) и ќе се прават на тошо. Е не може така. Тука осеќам потреба да го дигнам мојот глас во револт! Ако може Плутон да учествува во хороскопите, во име на останатите џуџести планети, официјално барам да бидат признаени нивните влијанија врз судбината на луѓето. И нема да бидам задоволен се додека некој не ми објасне како ми влијае на расположението ако Makemake ми е ретрограден, или дали ќе имам среќа во љубовта ако Haumea ми е во погрешна куќа.

Од почетокот на оваа фудбалска сезона се случија некои промени на нашата телевизиска мапа. Како прво, конечно бев во можност да ја тргнам прва програма од ситните бројки на даљинското, и да ја ставам на нејзиното заслужено место помеѓу Zone Romantica и тој францускиот канал за лов и риболов шо никој не го гледа ама сите кабловски го имаат. Голема благодарност за Канал 5 за таа добрина што ми ја направија, па сега кога Лигата на Шампионите и Лига Европа се кај нив, можам полесно да си го организирам даљинското. А иако Филе може не е толку шоумен колку шо мисле дека е, сепак ми беше преку глава од тие предпотопските сценографии на МТВ. Јас и Алфа Телевизија (која конечно се проби во едноцифрените канали) сме ви благодарни.

Другата битна промена излезе малку поинтересна за фаќање сеир, иако мене лично не ми се бендисува. Имено англиската лига од оваа есен треба да ја гледаме на Сител наместо на А1. Е сега, ко шо забележав досега, тимот на Сител е многу помалку наклонет кон најдобриот тим на планетава (Ливерпул) отколку шо беше тоа случај со А1, така да најверојатно ќе немам толку често прилика да ги гледам “моите" на телевизија.

Значи, си ги поделија телевизиите лигите, Енглези на Сител, Италијани на Телма и така натаму, и А1 остана со прстот во уста. Како и зошто не знам, ама тоа што го знам дека некако наеднаш се најдоа во небрано. Шо да се праве, со што да се исполнат програмите од спортска редакција? Да дават уште едни вести, не бива, во викенд би имале почесто вести од CNN. Контактна емисија не може, сите водители веќе имаат по 3, така да ќе треба од улица да се викне водител (додуше…). Така од сите можни решенија се решија сепак да даваат спорт и тоа – македонска лига. Овој потег, иако начелно не е лош и дефинитивно е за поздравување тоа што по само 20 години македонски фудбал, конечно ќе може да се гледа македонска лига на тв, сепак многу сеирџиски коинцидира со губењето на (нешто) поквалитетната англиска лига. Но тоа не е се.

Тоа што уствари ме инспирира, е што во последната недела, сите можни медиуми од велијаверсот, некако случајно, почнаа да објавуваат некакви анализи дека македонскиот фудбал живнува, дека во македонскиот фудбал се инвестира, дека се бара влезница повеќе за натпреварите од македонската лига итн.

Да се повторам, кисела и зелена е англиската лига, нашата може е малце красатка, ама е бре брате, наша. И има да ја даваме на телевизија од што сакаме да ја даваме, не од што не можевме да најдеме нешто друго :)

Неполна недела од божјото чудо кога ликот на Michael Jackson беше виден во пресечена гранка, ликот на пресвета Богородица што го држе ве раце штотуку родениот Исус беше виден во, од сите места на овој свет, во ќутук на дрво во Чашка, Велешко. Иако ова чудо можеби не може да се мере по значај со ликот на Исус на парче тост, сепак ова е битно, бидејќи е наше, македонско, и ни покажува дека и во вакви тешки моменти за целиот свет, семоќниот бог не ја заборавил неговата земја библиска.

Yeah, right.

Стварно, ако некој земе да го чита стариот завет, Бог се појавува лево и десно, поместува планини, проголтува цели војски во утробата на земјата, ги деле морските води. И работењата на Исус не се баш low-profile. Лекува од слепило, па и од смрт, оди по вода, претвара вода во вино.

И наеднаш штама. Повлекување од јавноста. Во последниве 2000 години, а особено по индустриската револуција, нема ни трага ни глас од ваквиот бог. Шо ти ја знам, ваљда има рецесија и горе, па скратен е буџетот за PR активности. Како инаку да го објаснеме тоа што денес ваквите појавувања се ограничени на тостови, ќутуци и понекој облак.

Пред некое време, тука во Скопје една група млади луѓе, да ги наречеме “архитекти” се беа собрале на плоштадот, закажано и пријавено кај власта за да протестираат против некоја си кауза, која ја сметале за доволно битна за да се протестира против неа, да речеме, изградбата на црква на плоштад. Ништо ни чудно, ни ново. Помеѓу демократските принципи, правото на протест е едно од најсветите.

Арно ама, за различни луѓе, различни работи се свети. И така, една друга група, да ги наречеме “христијани”, сметала дека првата се залага за погрешна работа, и спонтано се собрале, понизно и христијански, да им укажат дека грешат. И овде, некако се заеба работата.

Да кажам дека тоа што се случуваше на плоштад, и не е делот кој ме нервира. Такви работи се случувале секаде и секогаш. Стално има некој кому му е полесно да се објасни и да се изрази со тупаница отколку со јазик, така да нема да имаме недостаток од тепачи и тепани уште многу време.

Тоа што ме вади од кожа се некои од реакциите на ваквиот настан. Како прво, тоа што упорно се тврди дека тепачите биле најобична неорганизирана толпа. Секому кој што пробал да се договори со другарите за да пијат едно кафе на кеј, му се јасни логистичките проблеми. Еден е на работа, друг ќе го носи детето на лекар, трет имал некои гости најавено, четврт просто го мрзе да излезе во сабота наутро од дома. Евентуално ќе падне договор, па кој дојде – дојде. Значи, никој со две чисти не може ни да помисли дека толкава толпа успеала спонтано и стихијно да се собере, па уште да донесе и знамиња и транспаренти. Ај, дури и да речеме дека страдните христијани сакаат да се во сабота на пладне на плоштад, сепак не верувам дека некој спонтано и стихијно, каде и да оди, го тегне знамето со себе. Ме луте тоа што никој, а најмалку официјалните лица на кои тоа им е работа, не ја истражија и објавија динамиката на спонтаниот протест, како што тоа детално се направи со редовно пријавениот протест на архитектите.

Ајде, и да го голтнеме тој дел некако. Се собрале како што се собрале, го направија тоа што го направија, пред очите на цела македонска јавност – и никому ништо. Се дигна прашина, реакции од лево и од десно, се слегна прашина. Тепаниот тепан, ебаниот ебан.

И тука цела приказна ќе завршеше, и нема да го пишев овој пост, да не се случи тоа што стварно ме изнервира, и повеќе разочара. Кривичните пријави. Да, кривични пријави за тепаните. Не навлегувам во тоа дали се легални, попаметни глави од мене нека го кажат и докажат тоа на суд. Не се праведни.

Не е ова прв протест во оваа држава, за жал ги имаме стално. Секоја втора будала на која нешто и смета блокира патишта, активност која е, да не заборавеме, нелегална. Личности кои ги има по телевизиите се недостапни за нашите органи. Милиони други работи не ни се средени, арно ама архитектите има да се средени. Има, кога ќе прават протести отсега, да си организираат се по правила и прописи. Or else.

Награден состав

Владата ни се шампиони за самопромоција. Тоа не е мислење, тоа е факт. Да се разбереме, тоа не мора да е лоша работа. Во такво време живееме, што PR-от e незаменлива алатка на било кој ентитет шо сака да успее во нешто, а нашата влада тоа си го врзала во крпче.

Значи, имаме кампања до кампања, билборд до билборд, реклама до реклама на телевизија. Нема да навлегувам во смислата на некои од кампањите, иако сум сигурен дека натаму ќе дојдат постови и за нив. Денеска сакам да кажам збор-два за оние реклами, кои ги има на сите можни телевизии, и кои изгледаат ко да се чита наградениот состав на тема “Како го поминав летниот распуст”. Добро, признавам, темата обично е поблиска до “Татковината се брани со убавини”.

И така, невино јас си гледам телевизија, некоја серија најчесто, кога семоќниот џингл за реклами ќе ми ја прекине насреде. Нејсе, од тоа живеат телевизиите. И се појавува некаков си наслов, на позадина од ружна Powerpoint презентација, со доле текстче, спонзорирано од Министарство за истраживање руда и губљење времена. Дотука се трпе. И наеднаш, силен машки или женски глас почнува да ми го чита насловот.
Па добро, бе мајка му стара, до толку сум неписмен? Не дека сум светски шампион во спелување, ама сигурно можам и сам да прочитам шо пише со огромни букви на екранот.

Ама чекајте, таман бестелесниот глас го прочитал насловот на екранот го заменува едно чудо текст, пишан со некој осмица фонт. Е овоа веќе потешко се чита, а и, богами, многу го има. Fear not. Нашиот сопатник, Гласот, ќе ни помогне. Со совршена дикција започнува од почетокот, и редум, ко во диктат во второ одделение, почнува да ни чита од почетокот, обрнувајќи посебно внимание на целосно комплетно и точно читање на бројките.

Е сега, ваквите реклами се делат во два подвида. Едните имаат слајдови и слајдови текст (најверојатно се стварно правени во Powerpoint), додека другите се од “модерните”. Штом Гласот дојде некаде до средината на текстот, почнува целиот текст да се движе нагоре, и, оп, нови линии се појавуваат од долниот дел на екранот (еден ден некој главуч таму ќе ja гледа шпицата на Star Wars и тогаш сме наебале). Во секој случај изгледаат како врвно технолошко достигнување на касните ’60-сети. И не, да не ме разберете погрешно, не е дека ова трае 30-тина секунди. Траат, бре брате, по 5, по 6 минути. Можете целиов пост да го прочитате, и дури да дадете (смислен) коментар додека трактатот на Гласот да стигне до средината на своето излагање.

И сето ова би било дури и подносливо, да се случе еднаш, или за една кампања. Тоа што стварно ме нервира е што некој, некаде, мисле дека ова е добра идеја. Не знам колку се цените за реклами на телевизија, ама сигурно закуп на 5 мин во рекламен блок на А1 или Сител не е за ситни пари. А не е дека цената зависе од квалитетот на рекламата. Наплаќаат по секунда. Значи, људи моји, овие чаушиве, трошат од моите пари, за додека гледам телевизија, да ми читаат состави. Ма барем 5 пати ќе е и поевтино и поефикасно, и поинтересно за гледање, и над се ПОКРАТКО, да му ги дадат парите за реклами на Манчевски, па нека им сниме по еден 30 секунден спот за секоја една кампања шо ќе се измисли во малиот мозок на владата.

Follow

Get every new post delivered to your Inbox.