Епа да продолжам од каде што застанав. Чисто да објаснам нешто уште еднаш: тоа што ги побивам исказите наведени во Секој Студент, не значи дека Бог не постои, или дека Бог постои, само сакам да кажам дека овие шест работи кои се нудат како докази, всушност не се тоа.
Да не се лажеме, постојат прашања кои науката (засега) не може да ги одговори, и можеби Бог или боговите се наоѓаат во некое од нив (целиот Бог е во празнината концепт), иако јас лично не мислам така. Сепак, нема да имам проблем со прифаќање на научен доказ дека креатор постое (иако можеби креаторот ќе има проблем), со тоа што научните докази мора да имаат некои својства, кои овие и ваквите “докази”, просто ги немаат.
Првите два “докази” се занимаваа со тоа дека е полесно да претпоставиме дека бог постои отколку спротивното. Отприлика, и третиот доказ е во истата насока, поточно: “Да се каже дека светот настанал по случајност не е соодветен одговор за да се објасни целото создание.”
Е, со оваа изјава се слагам комплетно. Случајноста не е одговор на прашањето што е всушност светот и како тој работи. Ретко го прифаќам како одговор ставот дека нештата се така “оти треба да се така”. Значи, кога ќе видам некоја појава, сакам да разберам што се случува, и зошто тоа се случува така. Уште повеќе сакам да знам, дали ако пак ги имам истите причини ќе ги имам и истите последици. Овие неколку пориви се баш тоа што е во основа на научната мисла и на научниот напредок. Од друга страна повеќето “одговори” кои религијата ни ги дава спаѓаат баш во “з’ш така требит” категоријата, само што на случајноста заради која се така, и се дава помпезното име Бог. И така, додека кардиналите знаеле дека Бог ги создал планетите како ѕвезди кои шетаат по небото, Галилео правел телескоп.
Нејсе, да се вратиме на доказов. Случајноста која е спомната се однесува најмногу на еден дел од теоријата на еволуција, имено, дека случајните мутации од генерација во генерација не е можно да се двигател на напредокот. Даден е и пример, тоа што често се нарекува и грешката на Хојл, и е пример за елементарно поигрување со статистики, и темелно непознавање на теоријата на еволуција.
Како прво, еволуцијата не е личност, со сопствена агенда. Еволуцијата е само проста бесцелна сила. Во ниеден свој чекор, еволуцијата не тргнала да создаде нешто, без разлика дали е тоа човек или Боинг 747. Како второ, еволуцијата како процес, не се случува во големи чекори. Оп ѕверогуштер, оп мајмун, оп човек. Потребни се илјадници години и милиони генерации за да се покаже некаков еволутивен напредок. И трето, еволуцијата како сила, не е имуна на синдромот на локален максимум, т.е. не секогаш го наоѓа најдоброто решение за соодветен проблем, таа просто наоѓа решение кое е доволно добро. Не треба да одиме подалеку од човековото слепо црево.
Сваќам дека многу луѓе имаат проблем со еволуцијата, најмногу бидејќи не сакаат да мислат за себеси како потомци на мајмуни, иако тоа не им пречи секојдневно да се однесуваат како горили. Арно ама, фактите ја имаат незгодната особина да не исчезнуваат само заради тоа што не ни одговараат.
Кога сме веќе кај факти, да го разгледаме и четвртиот понуден доказ: “Човечкото внатрешно чувство за добро и лошо (правилно и погрешно) не може да се објасни од биолошки аспект.”
Епаа, ко прво, баш може да се објасни, а ко второ, па и не е некоја константа во човековото општество тоа чувството за правилно и погрешно, наречено морал. Како прост и вулгарен пример, во повеќето денешни култури убиство на новороденче се смета за одвратен злочин, но не мислам дека Спартанците премногу ги гризела совеста заради отфрлањето на сите несовршени бебиња. И не мислам дека преголем проблем на викиншките бродови била несоницата заради грижа за запалените села. Замислете само, ноќ, ѕвездено небо, морска шир, викиншка галија со раширени едра, и на крмата гушнати двајца Викинзи и плачат, ли плачат околу тажната судбина на детето чии родители ги заклале мината вечер. Ладниот северен ветер полека ги лизга солзите низ брадосаниот образ на капетанот. Цк, не ми пасира.
Дури и ако погледнеме низ тековната состојба низ светот, тоа што е морално на еден крај на светот, на пример израз на љубов меѓу двајца млади – држење за рака, не мора повеќе – се смета за разврат и неморал во друг.
Така да, апсолутен морал, апсолутно не постои.
И, stay tuned for the thrilling conclusion
Во денешно време поголемиот дел од научниците се согласни дека човекот не настанал од мајмун.
Денес повеќето научници се убедени дека човекот е мајмун.
„Верници“ кои се трудат да го докажат постоењето на бог се луѓе кои не ја сфатиле религијата баш најдобро. Благословен е оној кој верува без да види… стоеше некаде. Можеби нивната потреба да го докажат постоењето на нешто што не постои е резултат на нивната недоволна увереност во истото. Нам „неверниците“ ни е многу лесно – како да докажам дека не постои нешто за што тврдам дека не постои…