And now, the thrilling conclusion.
За разлика од претходните четири докази, кои баш и не беа поврзани со христијанската претстава за Бог, петтиот и шестиот се занимаваат баш со него, и со книгата во која неговиот лик и дело ни се претставени – “Библијата”.
Петтиот доказ, накратко, тврди дека библијата е веродостојно четиво. Зошто е тоа така? Па затоа што така пише во неа. Појасно, здравје.
Секако, по таа логика и Хари Потер е вистински, и стварно постојат волшебници и вештерки. Зошто? Па така пише во светите книги, сите 7 дела. Нема бог освен Хари Потер, а Џ. К. Роулинг е негов пророк.
Има референца и до извесни археолошки докази, дека Евреите стварно имале крал што се викал Давид. Како прво, археолозите признаваат дека доказите се, во најдобар случај, недоволни за да се заклучи било што дефинитивно, а како второ, и навистина да било така – голема работа. Постоењето на крал Давид, не значи автоматски и дека тој во слободно компонирал псалми, или дека им правел сунет на Филистинците.
Овој последниот дел од секогаш ми бил еден од побизарните делови од Библијата. За тие што не им е јасно, да ја повторам приказната. Откако Давид го победил Голијат, кралот Саул му ја понудил раката на својата ќерка, за неверојатно ниската цена од 100 филистински кожички (англиски е foreskin, оној дел од телото шо е вишак кога се прави обрежување). Пошто во тоа време Израелитите и Филистинците не се мирисале многу, имплицитно било дека кожинките треба да се земат неволно, така да Давид не можел да се маскира ко рабин и да рекламира попуст на обрежувања. Нормално, Давид, како ревносен народен херој, отишол, и обезбедил не сто, ами двесте филистински украси, и ја добил девојката. Приказната не кажува што понатаму се случувало со здобиените воени трофеи.
Обично, кога го кажувам овој дел од библијата, повеќето христијани мислат дека тропам глупости, така да, уверете се сами.
Оваа приказна е само илустрација за конзистентноста на пораката на Бог, како што се тврди во петтиот доказ. Извинете, ама од вакви приказни се добиваат кошмари, а не морални поуки.
Шестиот доказ е повеќе или помалку, повторување на петтиот, само што наместо за Стариот Завет, се однесува на Новиот Завет, и за главниот актер во него, Исус. Верата во Исус е основа на цело Христијанско движење, дури во христијанскиот свет и годините (би требало да) се сметаат од неговото раѓање.
Значи, зошто е Исус волшебен? Затоа што тврдел дека е син на Бога. Да. ова е дефинитивен доказ. Ако прошетаме до Бардовци, сигурен сум дека таму има барем неколку Богови, и по некој Наполеон.
Ама Исус правел чуда, од вода правел вино и одел по вода. Е овоа е доказ, или барем би бил, ако имаме некаква потврда дека ова навистина се случило. Арно ама, единствено место на кое е евидентирано дека Исус прави чуда, се пак, Евангелијата во Новиот Завет, како што единствено место каде што Петар Пан се бори со Капетан Кука се книгите на Џемс Бари.
Всушност, ако земеме да гледаме критички, Петар Пан има повеќе основа да биде реален отколку приказната за Исус. Петар Пан го поминува детството во Кенсингтонската градина во Лондон. Таков град навистина постои, и навистина има Кенсингтонската градина. Коинциденција?
Дополнително, евангелијата се пишувани кон крајот на првиот век, помеѓу 20 и 50 години по смртта на Исус, од луѓе кои најверојатно не го познавале од прва рака, а Петар Пан е напишан од човек кој тврдел дека лично го познава.
Се на се, извинете ама, доколку некој сака да ме убеди дека Христијанството е повеќе од организирана психоза, слободен е да проба, ама се надевам дека ќе има посилни аргументи од тие кои се претставени на страницата на Секој Студент.